Месото и млекото се безбедни, иако минатата година биле потрошени 3,5 тони антибиотици за лекување животни, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од фармите и од производните погони, како и од ресторани биле земени 1.200 примероци за испитување на присуството на антибиотици, но сите покажале дека во месото, во млекото и во храната немало остатоци од лекови и биле безбедни за употреба.

„Македонските закони дозволуваат присуство на антибиотици во сооднос од 0,1 до 0,15 килограми на еден тон месо. Со овој норматив Македонија се приближува до Норвешка која во Европа има најригорозни закони од оваа сфера. Холандија дозволува до 0,2 килограми антибиотици на тон, а во САД просекот е 0,4 килограми“, изјави Кате Стојановска, раководител на секторот за заштита на потрошувачите во Агенцијата за храна и ветеринарство, на денешниот настан на одбележувањето на Светскиот ден на правата на потрошувачите – 15 март.

Тој беше одржан под мотото „Антибиотиците надвор од менито“ од страна на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Министерството за економија, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за храна и ветеринарство, Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат.

Стојановска смета дека загрижува фактот што дел од овие антибиотици за животните, наместо за нивно лекување, се употребуваат и за зголемување на тежината на животните, а голем дел од нив како остаток завршуваат во исхраната на луѓето. Тоа може да предизвика зголемена отпорност на микроорганизмите кон антибиотиците и намален ефект врз лекувањето.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, рече дека од воведувањето на нормативот за употреба на антибиотици, во 2002 година, па се до лани, контролите утврдиле само 4-5 случаи на поголемо присуство на антибиотици во млеко.

Според него, во земјава се употребуваат безбедно месо и млеко, а кампањата што ја спроведува Организацијата на потрошувачите по повод Светскиот ден на правата на потрошувачите е само прилог во едукацијата на граѓаните за опасноста од злоупотреба на антибиотиците.

OhridNews
Извор:„Макфакс“