Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера соопшти дека тестираното млеко и млечните продукти произведени во Македонија, кои се во продажба, се безбедни за употреба, пренесува „Макфакс“.
Станува збор за резултати од над 20 земени примероци. Најавено е дека од понеделник ќе се проверуваат мостри од млеко на уште 15 продукти за да се испита дали содржат афлатоксин.
Директор на АХВ Дејан Рунтевски информираше дека од средата се тестирани над 20 мостри и ниту една не била позитивна на афлатоксин.
„Нивото е секаде под максимално дозволената концентрација од 0,05 микрограми на килограм, рече Рунтевски.
Тој информира дека домашното производство е под постојан мониторинг на Агенцијата, апелирајќи до граѓаните и натаму да продолжат да го трошат домашното млеко.
Истакнувајќи дека во текот на целата година се земаат одредени мостри кои ја гарантираат исправноста на млекото, Рунтевски нагласи дека АХВ го засили мониторингот на суровото млеко.
Меѓу производителите чии примероци се испитани се Битолска млекара, Здравје Радово, Алпи од Тетово, Идеал Шипка, Бучен Козјак и на струмичките млекари.
Рунтевски рече дека во делот на увозот има производи кои имаат зголемено присуство на афлатоксинин и се наоѓаат во магацини,
Тие не се пуштаат во промет, ќе бидат уништени или вратени во земјата од каде се увезени.
извор:„Макфакс“