Културното и природното богатство, традиционално подготвената храна и убавото вино ќе бидат главните адути, со кои Македонија ќе се претстави на уште 9 светски саеми за туризам.
Според распоредот на настани од ,,Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот” за 2014 година, македонската туристичка делегација во моментов е дел од туристичкиот саем, кој од 5-ти до 9-ти март се одржува во Берлин, Германија. Македонски изложбен штанд ќе има и на Букурешкиот туристички саем, кој ќе се одржи од 13-ти до 16-ти март.
Според планираното, македонската туристичка понуда ќе биде претставена и на Саемот за туризам во Москва, Русија од 19-ти до 22-ти март, а од 20-ти до 23-ти март туристичките богатства на Македонија ќе може да ги видат и посетителите на Туристичкиот саем во Гетебург, Шведска.
Саемската промоција на Македонија ќе продолжи од септември, на туристичките саеми во Токио, Јапонија; во Римини, Италија; во Познан, Полска; во Лондон, Велика Британија и во Измир, Турција.
Инаку во текот на јануари и февруари годинава, ,,Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот” ги презентираше нашите туристички можности на саемите во Утрех, Виена, Истамбул, Брисел, Милано, Софија и Балеград.
Е.М