Република Македонија е сериозно погодена од климатските промени, а најновите предвидувања ја вбројуваат нашата земја во таканаречената црвена зона, во која негативните влијанија од климатските промени ќе се почувствуваат врз земјоделството. Ова беше речено на промоцијата на Проeктот за адаптација на македонското земјоделство кон климатските промени.

Проктот кој ќе трае три години ќе го води Мрежата за рурален развој, со поддршка  на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) која за оваа намена издвои околу 1,3 милиони американски долари.

-Покрај имплементацијата на агротехничките мерки што ќе бидат понудени и ќе бидат користени од земјоделците, проектот има за цел да делува и врз јакнењето на свеста кај фармерите за да ги воведат овие мерки. Такви мерки, се инкорпорирање на биомаса во почвата за задржување на влагата, начини за кроење на лозите, поставување на мрежи за заштита на производството од негативните УВ зраци и слично, беше речено на промоцијата на проектот.

Проектните активности ќе се фокусираат на овоштарските и градинарските култури во Медитеранската зона во која припаѓаат Вардарскиот регион со делови од Струмичкиот и Гевгелискиот регион, затоа што овој регион и овие култури според направените анализи се најмногу погодени од климатските промени.

Првите луѓе на Проектот најавија дека ќе се работи со семејни фарми кои на пазарот ги пласираат најголем дел од своите производи, како и со земјоделци кои делумно заработуваат, а дел од производството го задржуваат за себе.

Инаку според студијата на Светска банка, во Македонија како резултат на климатските промени ќе се зголеми температурата, а врнежите ќе станат попроменливи што ќе влијае на условите за одгледување на културите и нивните приноси.

OhridNews