Една недела по чинот на фаќањето на светиот крст сеуште се средуваат впечатоците за убавиот настан. Читатели на OhridNews од Австралија испратија информација за тоа како се фаќаше крстот, но кога температурата е многу повисока од овде и тоа во водите на океанот.


Црковните храмови и ова година биле преполни во Сиднеј со верници уште од раните утрински часови, кога започале светите богослужби. По нивното завршување во светите храмови се вршело наддавање на свети икони, кои верниците можеле да ги откупат и понесат во своите домови.


Ботани Бај, односно месноста Долс Поинт пред океанот, е местото на кое секоја година традиционално се фрла светиот крст  во организација на Македонската Православна  Општина  за Сиднеј и МПЦ“Св. Петка” од Рокдаел. Во присуство на голем број верници светиот крст во водите на океанот го фрли Протоереј Ставрофор Љупчо Двојаковски.


Петнаесетина млади момчиња  се бореле со брановите на океанот за кој прв да дојде до светиот крст. – Најсреќен мегу сите беше младиот студент Крис Денков, кој беше награден со златно крсте гравирано со Водици-2011, а подарок доби и од Македонската Православна Општина во Сиднеј, вели нашиот дописник од Сиднеј.

Перо Дамчевски Коцин