Македонските граѓани на возраст над 18 години во 2011 година просечно испиле по 2,0 л вино и 0,9 л ракија, пресмета Државниот завод за статистика.

Според податоците на Државниот завод за статистика oбјавени по повод Денот на лозарите Св. Труфун, во Република Македонија, во периодот 2009-2011 година, површините под винова лоза се во благ пораст. Во 2009 година винова лоза била засадена на површина од 19960 хектари, во 2010 година на површина од 20033 хектари, а во 2011 година на површина од 20164 хектари.

Производството на вино во 2012 година изнесуваше 780769 хектолитри вино на точење и 159019 хектолитри вино во шишиња. Интересно е што во последниве години трендот на производство на вино во шишиња е во пораст и се движи од 149372 хектолитри во 2010 година, до 159019 хектолитри во 2012 година. Според податоците од Статистичкиот деловен регистар, во Република Македонија работат 81 винарија, лоцирани претежно во Скопје, Кавадарци и Неготино.

Во 2012 година Република Македонија извезе 16.552.139 литри вино во шишиња во вредност од 16.877.350 евра и 98.608.953 литри наливно вино во вредност од 38.348.430 евра.

Во 2011 година, прометот на вино од свежо грозје во трговијата на мало учествува со 15.2 % во вкупниот промет на алкохолни пијалаци и изнесува 246889 илјади денари, додека прометот на природна ракија во вкупниот промет на алкохолни пијалаци учествува со 12.4% и изнесува 200595 илјади денари, соопшти Државниот завод за статистика.

OhridNews