Вработените во македонските фирми се меѓу најнеуслужливите во регионот. Најновото истражување на хрватската агенција „Хераклеа” за основните елементи на квалитетот на услугите во шест земји во регионот Македонија ја сместува на претпоследното, петто место, објави весникот „Вечер“.
Во соработка со агенциите за тајно купување годинава е направено шестото истражување во Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и во Црна Гора, кое покажува дека повторно на врвот е Словенија, а најнељубезни и најнеуслужливи се продавачите во Босна и Херцеговина.
Квалитетот на услугите е мерен според пет елементи: поздрав, утврдување на желбата на купувачот, познавање на производот, нудење на дополнителен производ и благодарност за посетата. Констатирано е дека речиси половина од вработените во македонските фирми не им велат „благодарам“ на потрошувачите за нивната посета и тука се најлоши во однос на колегите од регионот. Но, затоа, најдобро од сите го познаваат производот што го нудат, а како и колегите од останатите земји, најмногу потфрлаат во нудењето дополнителен производ. Од македонските продавачи 75,88% на муштериите им велат добар ден или довидување, а во тоа полоши од нив се само Босанците.
Како и лани, на прво место на табелата на „Хераклеа“ е Словенија, иако со нешто помалку бодови. Србија годинава го зазема второто место и ја истурка Хрватска на третото. На четврто место е Црна Гора, на петто со вкупен скор од 65,49% е Македонија, а залепена на дното и годинава останува Босна и Херцеговина.
Тајните купувачи во периодот од 9 до 22 јуни посетиле речиси 800 различни објекти како автомобилски салони, банки, бензински пумпи, супермаркети, туристичко-угостителски објекти и мали продавници во сите држави. Вкупно гледано, најуслужливи биле вработените во автосалоните, исто како и лани. Услужливоста на вработените во супермаркетите се подобрува, но исто како и претходната година, тие остануваат на дното на табелата.
OhridNews