На магистралниот пат Струга – Дебар, кај крстосницата со Вевчани, „Макпетрол“ денес, отвори  современо уредена бензиска станица.

Како што истакна Мишко Тасевски, раководител на Секторот за маркетинг на „Макпетрол“, станува збор за бензинска станица со највисоки пропишани технички и безбедносни нормативи во која се инвестирани 120 милиони денари и се отворени нови девет работни места за локалното население од Вевчани.

– Со оваа модерна бензинска станица се приближуваме кон нашите потрошувачи од општина Вевчани и околината на кои ќе им бидат достапни сите наши квалитетни производи и современи услуги, рече Тасевски.

Директорот на Дирекцијата за малопродажба на „Макпетрол“ Љупчо Георгиевски потенцира дека бензинската станица нуди широка палета на производи.

– На потрошувачите ќе им понудиме широка палета на производи, квалитетни бензини и дизел горива, како и авто ТНГ гориво, а во план е и проширување на понудата со изведба на метанска инсталација со што комплетно ќе ја заокружиме нашата понуда, додаде Георгиевски.

Макпетрол е најголемиот дистрибутер на горива во државата со 1.800 вработени. Бензинската станица во Вевчани е 127-та по ред отворена во земјава од страна на оваа компанија.

OhridNews