Најголемата опозициска партија СДСМ на претстојните локални избори ќе го кандидира актуелниот пратеник Јани Макрадули за градоначалник на Скопје, пренесува „Макфакс“.
Ваква одлука вечерва била донесена на седницата на Извршниот одбор на СДСМ, потврдуваат партиски извори.
Одлуката претставува своевидно изненадување, со оглед дека во јавноста во последните денови се шпекулираше со неколку други имиња, па дури и со непартиски личности.
Иако актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски се спомнуваше како можен кандидат за градоначалник на Скопје, одлучено е тој повторно да се кандидира за истата функција.
Се очекува вечерва да бидат познати и останатите кандидати за градоначалници во другите скопски општини на СДСМ и неговите коалициски партнери, кои треба да бидат претставени на митингот најавен за в недела во Скопје.
Локалните избори во Македонија треба да се одржат во март 2013 година.
извор:„Макфакс“