„Кога доаѓав сега накај Охрид, гледам на еден билборд пишува – За Охрид заедно можеме повеќе. Нормално дека би можеле, кога градоначалникот Аце веќе направи најмногу за Охрид, да биде најубавиот и најчистиот град денес. На друг билборд, читам – За мене Охрид е главен град. Нормално дека е, кога градоначалникот Аце го направи таков…“ – истакна Јани Макрадули на синоќешниот митинг на СДСМ пред насобраните жители во населбата „Билјанини извори“. Во своето обраќање, како што информира прес службата на СДСМ, Макрадули се осврна и на актуелниот процес на изолација на Македонија во меѓународни рамки, на катастрофалната економска ситуација во државата и на потребата СДСМ да ја оствари неопходната победа за пресврт на претседателските и локалните избори.

„Од своите ветувања за мед и млеко во Македонија, Владата го оствари само тоа за млекото – навистина тече млеко, но по нашите улици, од незадоволните и измамените фармери. И наместо, по примерот на министерката Бакојани, која е расшетана по светот да лобира за интересите за Грција, министрите во нашата Влада да шетаат по светот и да лобираат за интересите на Македонија, тие се шетаат по Лакочереј, Рамне, Велгошти и Косел, за да им го држат стравот на нивните кандидати за локалните избори во Охрид. На најголемиот нивни митинг во Охрид, на кој донесоа луѓе со 500 автобуси, најмалку од све имаше – охриѓани“ – истакна Александар Петрески во своето обраќање до присутните.

Тој потенцира дека не е дојден да ги убедува луѓето што, колку и како може да направи за нив и за Охрид, затоа што луѓето сами гледаат што е све направено, остварено и реализирано во изминатиот 4 годишен период во Охрид. Петрески им вети на граѓаните дека и во наредниот свој мандат, како градоначалник, ќе ги оствари сите реални ветувања од неговата изборна програма, за добробит на сите охриѓани, за доброто на Охрид.
.











