По состанокот на репрезентативните синдикати при А.Д.Пошта на Северна Македонија  со Управниот одбор и генералниот директор, Јани Макрадули, истакна дека ги увериле двата синдикати дека ќе продолжат да работат посветено во компанијата и дека нема простор за загриженост за финансиската стабилност. Макрадули истакна дека утрово била исплатена платата за сите 2400 вработени при А. Д. „Пошта“

Од 11 ноември како нов Управен одбор во оваа компанија  потпишавме 87 нови договори, со нови коминтенти. За прв пат е  воведена електронска трговија, преку нашата платформа во овој момент 14 коминтенти продаваат производи, исто така воведена е и флексибилна достава. Со сите услуги кои ги нуди Пошта на Северна Македонија го уверивме синдикатот дека нема потреба за загриженост за своите работни места и за платата, бидејќи сите постапки и чекори кои се направени носат резултати, истакна Макрадули

Тој додаде дека во првата половина од годината зголемени се приходите од поштенски услуги за 10,3 милиони денари, а приходите од пакети за 1,7 милиони денари. Продажбата на марки на филателистичкиот пазар била зголемена за 0,9 милиони денари.

Во првите девет месеци кон компаниите биле исплатени 70 милиони денари по основ на долгови, вели Макрадули, а целта е една година по составувањето на овој УО да нема долгови од 2020 година.

За да ги зголемиме приходите и да бидеме поприсутни, аплициравме во МИОА за да станеме точка за  е- услуги со што ќе бидат олеснети некои услуги кон граѓаните, се ова го правиме за зголемување на приходите и да ја вратиме „Пошта“ на граѓаните, рече Макрадули.

Тој истакна дека по зголемувањето на минималната плата од први јануари 2021 година, природно е да се разговара за зголемување на бодот и платата на вработените.

Макрадули истакна дека и во текот на изминатите месеци од почетокот на оваа година платите биле поделени во законски предвидениот рок.

 

 

К.А.