Директорот на Агенцијата за катастар со недвижности, Славче Трпески, при неодамнешната посета на охридскиот катастар упати апел до граѓаните, при нивната посета на катастарот да ги користат копчињата на семафорот со што и менаџментот ќе има поголем увид врз тоа колку граѓаните се задоволни од работењето на администрацијата.
– Ако минатата година, на ниво на Македонија имавме примено околу милион и 27.000 предмети,евидентирани се само 30.000 притискања на дугмињата, што е навистина мал процент. Најголемиот број пристикања беа за изразено задоволство, но тоа не е процент од кој може да кажеме дали тие се или не се задоволни од работењето на катастарот. Упатувам апел што почесто да се користат „семафорите“, со тоа и нам на менаџментот ќе ни помогнат точно да знаеме какво е задоволството на граѓаните за секој случај и вработен на шалтер поединечно, рече Трпески.
Поставувањето на т.н. уреди „семафори“ на шалтерите во институциите е дел од проектот на минситерството за информатичко општество, „Оцени ја администрацијата“.
Целта на поставувањето на уредите е граѓаните со притискање на едно од копчињата, црвено-незадоволен, жолто-неутрален и зелено- задоволен, да дадат оценка на задоволството од работата на шалтерските работници, нивната љубезност, комуникативност, услужливост , квалитет на услуга.