Само дваесетина претставки во 2022 година од регионот на Охрид и Струга се доставени до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, беше истакнато на денешната одржана трибина насловена „Здружени и гласни за општество без дискриминација: Трибина за унапредување на пристапот до заштита од дискриминација во Oпштина Охрид“.

Исмаил Камбери, претседатал на Комисијата, вели тоа е многу мал број и потребно е граѓаните да се запознаат како да препознаат дискриминација, бидејќи можеби некој е дискриминиран, а не знае.

Најголем дел од овие претставки се однесуваат на работата и работните односи, како и помал број случаи на вознемирување на социјалните мрежи врз различни дискриминаторски основи. Според доставените претставки во македонското општество, на ниво на држава, минатата година најмногу случаи дискриминација имало кон припадниците на ЛГБТ заедницата, преку вознемирувачки говор кон нив најчесто преку социјалните мрежи, како и во областа на работните односи, и тоа најмногу во јавната администрација со најчеста дискриминација по лична основа, општествен статус и политичко уверување, вели Камбери.

Потенцира дека Комисијата доколку утврди дека постои дискриминација дава препорака за отстранување на истата за која има рок од 30 дена до 6 месеци.

Доколку дискриминаторот не ја отстрани препораката Комисијата мора да спроведе прекршочна постапка спрема тој дискриминатор. Казните за физички лица се движат од 150 до 400 евра, додека за правни лица се движат и до 10 илјади евра. И веќе има такви случаи на казнување. Целта е да се испрати порака до други такви дискриминатори дека законот функционира, вели Камбери.

Во поглед на примена на законите за дискриминација, Јулијана Настоска Петреска, социјален работник кој повеќе од 15 години работи на проблематиката преку здружението „Опција“, вели за жал многу закони и ставки фигурираат само на хартија.

Затоа ние се обидуваме како организација со нашите партнери да бидеме гласни, да разговараме на оваа темата, да се стави акцент на важноста од спроведувањето на законите во пракса. Само спроведени закони придонесуваат за градење здраво општество со кое ќе нема бариери, предрасуди и стигма целната група. Од аспект на нашата целна група сексуални работници и зависници на дрога сме имале доста примери на дискриминација претежно во здравствениот сектор, бидејќи се работи за една помала средина, Охрид и Струга и ако се дознае за овие лица, често пати се дикриминирани и неможат да добијат здравствени услуги поради фактот што се од таа група, додава Настоска Петреска.

Креирањето еднакво и праведно општество е од суштинска важност за позитивен развој на локалните заедници и државата во целост, рече градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Само преку заедничка соработка и единство можеме да дадеме придонес во борбата против сите облици на дискриминација. Се разувам, што водени од нашите определби за социјална правда и инклузија, веќе имаме донесено мерки и законски рамки со кои треба да обезбедиме еднакви можности и подобар живот за сите граѓани. Јакнењето на свеста за толерантно општетство е значајно и за поголемо почитување и вреднување на човековите права. Верувам дека на ваков начин и преку вакви настани и во инднина ќе продолжиме да ја промовираме различноста и ќе се посветиме на создавање инклузивност во сите сфери на општественото живеење, рече Пецаков, додавајќи дека Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да биде отворена за соработка, да ги слушне потребите, да реализира проекти за поголема социјална правда и сигурност.

На трибината од страна на присутните беше посочено дека покрај дискриминација во поглед на физичките бариери во која насока и се работи изминатите години во Охрид, потребна е поголема посветеност и на надминување на менталните бариери.

Оваа трибина е прва активност во Општина Охрид од проектот „Видливи, здружени и гласни- Акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторска соработка“ поддржан од програмата Цивика Мобилитас.

Н.С.Ј.