И годинава е регистриран мал интерес за ангажирање на спасители на вода на Охридските плажи. Иако Договорите за концесија и законските прописи ги обврзуваат концесионерите на плажите да имаат спасители на вода најдоцна до 15 јуни, ретки се оние кои ја исполнуваат оваа обврска во предвидените рокови.
Од Црвениот крст од Охрид велат дека за склучување на договор за ангажирање на спасител до сега интерес пројавиле само 8 плажи.
-Според нашата евиденција, по должината на Охридското крајбрежје има вкупно 24 плажи, од кои еден дел се издадени под концесија на правни и физички лица, а со останатите стопанисуваат сместувачките капацитети. Иако сите тие се обврзани да имаат спасители на вода, кои ќе се грижат за безбедноста на капачите, по старата навика, речиси најголемиот дел од нив чекаат да дојде шпицот на сезоната за да ја исполнат оваа обврска. Секако има и исклучоци кои редовно пред почетокот на сезоната ангажираат спасители, со што ги заштитуваат капачите односно превенираат нескани несреќи, вели Сашо Точков, претседател на Црвениот крст во Охрид.
Тој изрази надеж дека до 1 јули, кога е крајниот рок за поднесување на барања за обезбедување на плажите, ќе се зголеми бројката на заинтересирани концесионери.
Точков потенцираше дека инспекциските служби кои се надлежни да ја следата состојбата и условите на плажите треба почесто да излегуваат на терен.
-На пример мината година, во текот на целата летна сезона, без спасители останаа 3 до 4 плажи во Охрид, но надлежните не им изрекоа ниту опомена, ниту пак некаква казна. Поради ова сметаме дека инспекторите треба почесто да ја увидат состојбата одблизу, нагаласи Точков.
Годинава, на охридската ривиера, за безбедноста на капачите ќе се грижат од 80 до 100 спасувачи, односно вкупно 208 активисти од општинскиот Црвен крст се обучени и подготвени во секој момент да бидат ангажирани доколку тоа е потребно.
Инаку лани спасителите на вода имале преку 12 сложени интервенции во кои спасиле животи, а на подрачјето на Охрид не беше регистрирано ниту една загинато лице од давање во езерото.