Успешно се реализираше настанот “Мал монмартр, на охридско-струшки начин“. Оваа активност се имплементираше во рамките на креативната иницијатива “УНЕСКО на дланка”. Четворицата млади и талентирани уметници, Милко Нестороски, Александар Илиевски, Емилија Лазороска и Лида Шерафатманф, цртаа мотиви од охридско – струшкото крајбрежје, како контраст на природата, традицијата и современите градежно – архитектонски решенија. Посебно импресионира фактот што Лида е родена во Иран, израсната во Малта и преселена во Струга пред 3 години. Преку нејзините креативни ликовни дека, таа е голем промотор на македонските убавини, во светски рамки.
Низ уметничката призма, сите овие амбициозни творци прикажаа дека УНЕСКО е алката која го презентира регионот пред светот и дека единствено преку членството во таа организација, природното и културното богатство кое е наш белег ќе остане интегрирано и заштитено во целост, велат организаторите.
Оваа активност се имплементираше во рамките на креативната иницијатива “УНЕСКО на дланка”, како дел од проектот “Поддршка на изборните реформи во Република Северна Македонија” кој го спроведуваат Швајцарската агенција за развој и соработка, меѓународната фондација за изборни системи “IFES” и нивниот партнер, Националниот младински совет на Македонија.
Самиот проект предвидуваше избор на мобилизатори на заедницата, кои ќе го следат процесот на исполнување на владината програма за периодот од 2021-2024 година, во повеќе сегменти. За регионот Охрид – Струга – Дебарца, за мобилизатор е избрана Весна Цветаноска, генерален секретар на здружението за мултикултурна интеграција “Инклузија”, која ќе го следи спроведувањето на препораките од извештајот на реактивните мисии на организацијата.
OhridNews




















