По обилните врнежи од дожд што деновиве ја зафатија земјава, нивото на водните басени во охридскиот регион е во благ пораст. Од Центарот за управување со кризи Охрид, информираат дека нивото на вода во Слатинското Езерото е спуштено за 80 сантиметри, а поради хидролошката состојба има мали дополнителните оштетувања на земјениот труп од браната.
Според раководителот на ЦУК-Охрид, Митко Темелковски, браната се наоѓа во онаа состојба, која што беше пред 10-тина дена, а не се забележани некои позначајни оштетувања.
„Нема некои посебни новости за слатинската акумулација, со тоа што постојано се прати состојбата. Кога ќе се смири оваа хидролошка неповолна состојба, од цевководот ќе се пуштат дополнителни количества вода кои ќе ја растеретуваат браната. Онаа вишок вода која поради врнежите доаѓа како дополнително количество преку Мраморечка река, се оддлева преку преливиникот и безбедно оди кон Слатинска река и надолу кон Сатеска.“ – вели Темелковски.
Тој истакнува дека акумулацијата е под постојана чуварска присмотра од „Водостопанство“, но за дополнително да се спушти нивото на вода потребна е стабилна временска состојба.
„Едноставно за да имаме стабилна состојба, потребни се 30-тина дена за дополнително да се спушти нивото на вода, односно да се намали ризикот од целосно продирање и пукање на браната.“ – истакнува Темелковски.
Од ЦУК-Охрид, информираат дека Дирекцијата за заштита и спасувања направи низа зафати, со што нивото на езерото е спуштено за 80 сантиметри.
„Дирекцијата за заштита и спасување направи зафати со што ги искрши армирано бетонските преливни прагови, а нивото е спуштено и сега не дозволуваме да се качи на она ниво на кое што беше на 23-ти февруари. Преку долуодливниот цевковод континуирано ќе се одлева вода. Нормално е за овие врнежи да има некои мали дополнителни оштетувања на браната, бидејќи се работи за земјена брана.“ – додава Темелковски.
Вештачката акумулација во атарот на селото Слатино, која служи за наводнување на околните плодни полиња, е изградена во 1963 година. Таа се полни со вода од Мраморечка Река и акумулира околу 1,4 милион кубни метри вода. Според кажувањата на локалното население освен помали интервенции, таа никогаш не била санирана.
Инаку, на 23-ти минатиот месец, дојде до сериозно оштетување на земјената брана во акумулацијата, а постоеше опасност за нејзино целосно уривање.
O.T.