Почна спроведувањето на проектот на Министерството за здравство, кој ќе овозможи поголема грижа за лицата болни од малигни заболувања односно дисперзирано давање терапија на тие пациенти во нивното место на живеење или многу поблиску до нивното место на живеење, што ќе значи нивно растоварување од дополнителни трошоци, а ќе се овозможи и растоварување на Клиниката за онкологија во Скопје од зголемена фреквенција на пациенти.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција на која го образложи проектот, рече дека врз основа на темелна анализа на различните аспекти на лекувањето со кои се соочуваат лицата со малигни заболувања увиделе дека потешкотии им создава централизираното давање терапија како таблетарно, така и хемотерапија, односно фактот што за терапијата и контролата сите пациенти мораат да дојдат во Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Според него, тоа создава дополнителен товар особено за пациентите од другите градови кои трошат финансиски средства, време, отсуствуваат од работа, патуваат до Скопје, ангажираат уште еден придружник бидејќи тоа се лица кои често се и во тешка здравствена состојба и тоа го прават секој месец или некои од нив на секои три месеци.

– Токму со цел да ги олесниме овие процедури за пациентите во соработка со Клиниката за онкологија воведовме комплетно нов концепт на дисперзирана администрација односно дисперзирано давање терапија на онколошките пациенти. Идејата е да ја доближиме оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење на пациентите и да ги растовариме од дополнителни трошоци за патување до Скопје и од дополнителни физички потешкотии имајќи предвид дека станува збор за лица во потешка здравствена состојба, рече Тодоров.

Toj посочи дека дисперзирано давање терапија почна во Клиничката болница во Тетово, каде во текот на декември и досега се извршени две посети и дадена е терапија на 40 пациенти и тоа не само на пациенти од тој град туку и на пациенти од Гостивар.

Од 15 јануари, ќе започне дисперзираната терапија во Општа болница Кичево и планирано е да бидат опфатени околу 20 пациенти.

– Истиот ден ќе се направи уште една посета и на Клиничка болница Тетово, и предвидено е вкупно да опфатиме околу 40 пациенти (во двата града). Од 22 јануари ќе почнеме и во Општа болница Велес и во Општата болница во Гевгелија, каде е предвидено да опфатиме по околу 20 пациенти, потенцира Тодоров.

Дополнително, укажа министерот, до крајот на февруари со ваква активност ќе се започне и во Општата болница Охрид, каде што ќе гравитираат и пациентите од Струга, во Клиничка болница Битола, каде што ќе гравитираат пациентите и од Прилеп, Крушево, Ресен и Демир Хисар и во Клиничка болница во Штип со регионот, а до крајот на март и во останатите болници каде што ќе има соодветни услови.

OhridNews