Малолетникот кој вчера при слетување на одреденото слетиште во близина на каналот Студенчишта заврши во канделабра, е добар и нема последици од падот. Ова во изјава за Охридњуз го истакна неговиот татко Кристијан Темелкоски, инаку исусен параглајдерист, инструктор и натпреварувач. Се работи за Адриан Темелкоски, чиј идентитет го објавуваме со дозвола на родителот. Тој иако има само 14 години, професионално се занимава со парагладерство и е учесник на меѓународни натпревари каде ги брани боите на Македонија.

Адриан Темелкоски слетува на одредена цел на Меѓународен натпревар 

Адриан неодамна настапи на Првиот Гран При Европски Куп што се одржа во соседна Албанија, каде во јуниорска конкуренција до 23 години, помеѓу 100 натпреварувачи го освои високото 4 место.

Проблем е тоа што слетиштето кое ни е доделено за слетување во Охрид во близина на Езерската полиција и тренинг центарот на вода на АРМ во Охрид, не е безбедно. Ние повозразните имаме проблеми со канделабрите и другите високи пречки на таа локација, а Адриан е само дете. Ние ја претставуваме Македонија насекаде, а туристите кои постојано не ангажираат ја пренесуваат приказната за убавините на Охрид низ целиот свет, но нам ни треба безбедно место за слетување и вежбање, истакнува параглајдеристот Кристијан Темелкоски.

Тој вели дека параглајдеристите немаат поддршка од никој.

На сите им сметаме. Туристите не бараат, а нашите не бркаат. А, ние ја претставуваме Македонија повеќе од сите. Проблемот е повеќегодишен и треба да се реши и конечно параглајдеристите кои се значаен дел од туристичката понуда на Охрид, да добијат безбедно место за слетување, дециден е Темелкоски.

Македонската репрезентација на Првиот Гран При Европски Куп во 2025 во Република Албанија

За проблемот се запознаени сите релевантни институции во земјата, а параглајдеристите се надеваат дека државата ќе преземе соодветни активности и ќе изнајде решение, дотолку повеќе што се работи за безбедност на летачите, но и на луѓето воопшто.

Г.М.