Услугите од државните институции граѓаните да ги користат по електронски пат, порача министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на предмалку одржаната прес конференција заедно со министерот за здравство, Венко Филипче.
Како што истакна министерот, услугите од институциите се достапни во сечиј дом каде по електронски пат граѓаните можат да се информираат за целосната процедура за издавање на одреден документ.
- Нема никаква потреба да се посетуваат институциите физички и да се прашува одредена информација. Апелираме до сите граѓани да ги користат можностите кои се на располагање за да се намали непотребното одење по институции и изложување на ризик. Само со целосен и индивидуален придонес ќе ја намалиме можноста за ширење на вирусот, рече министерот Манчевски.
Меѓу бројните институции чии услуги на граѓаните им се препорачува да ги користат по електронски пат се и оние кои се најпосетувани, како што се: Управата за водење матични книги, Агенцијата за вработување, Министерство за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, централниот регистар.
Во наредниот период граѓаните, во соработка со телекомуникациските оператори ќе добиваат и СМС пораки со кои ќе се пренесуваат пораките и инструкциите од страна на владата.
Т.К.