
Со оглед на се’ позачестените поплаки на граѓаните дека се телефонски вознемирувани со наводни предизборни анкетирања, а заради заштита на професионалниот интегритет на општинската администрација, како портпарол на Општината изјавувам дека сите наводни анкетирања по телефон и прашања во стилот „за кого ќе гласате“, немаат никаква врска со општината, нејзината администрација и служби, вели портпаролот на Општината, Никола Маневски.
Чувствувам обврска, да ги информирам граѓаните дека секое телефонско предизборно „анкетирање“ и вознемирување со претставување : „ Се јавуваме од Општината…“ – е гола лага! Пред се’ Општината ниту нејините служби немаат телефонски број кој почнува со 261… а од кој најчесто многумина сограѓани се вознемирувани со лажно претставување, додава Маневски.
-Едноставно, ја информирам јавноста дека сите такви и слични телефонски јавувања, „анкети“, „убедувања“ и „разговори“ – се трикови на партиски штабови во кои заседнале посебно задолжени лица за таа задача. Тие, како „партиски војници“ на тој начин во најмала рака вршат притисок врз граѓаните, ги вознемируваат и истовремено ја дискредитираат општинската администрација, смета Маневски.
Тој ги повикува граѓаните таквите повици да ги пријавуваат во охридската Полиција .












