По три часа од стартот на 39. Охридски пливачки маратон и испливани околу 15 километри маратонците стигнаа до Пештани. Во првата петорка беа двајцата италијанци Алесио Окипинти и Николо Ричарди, Филип Лакас од Канада, македонецот Петар Цеков и аргентинката Мајте Ајлен Пука.

Трката се одвива во одличен ред, временските услови се исто така одлични, а температурата на водата е околу 23-24 степени, изјави за OhridNews главната судијка Катерина Стојаноска.

Напред во моментов се издвојува група од пет пливачи коишто се во близина на селото Пештани и отприлика се наоѓаат некаде на 15-тиот километар. Можам да потврдам дека скоро во текот на целата трка оваа група од пет пливачи се издвојува и на мое големо задоволство имаме пливач од Македонија, Петар Цеков е цело време во групата од пет пливачи. Исто така напред се двајца пливачи од Италија, еден од Канада и имаме една девојка којашто ни доаѓа од Аргентина. ​Она што можам да го кажам е дека цело време трката се одвива во добар ред. Имаме поставено четири пловни објекти со судии коишто се грижат за регуларноста на трката. Во моментов, колку што имам информација од нив, е тоа дека последен пливач е пливачот од Турција, истакна Стојаноска.

Патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри од Свети Наум до Охрид ја пливаат пет натпреварувачки во женска и единаесет во машка конкуренција.

Се очекува првите пливачи на целта, на Градското пристаниште, да пристигнат околу 16 часот.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска