Традиционалниот Охридски пливачки маратон, 9-ти по ред во Гранд При 2010 серијата на Меѓународната пливачка федерација, ќе се одржи под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
 

На патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид, во должина од 30км. ќе се натпреваруваат вкупно 26 пливачи од десет земји во светот, и тоа 16 во машка и 10 во женска конкуренција.


Подготвени сме да одговориме на предизвикот наречен, Охридски пливачки маратон кој е настан број еден во Македонија. Со оглед на сите случувања кои ги имавме околу организацијата потребно е да му се даде поголема сериозност на овај настан – вели Кочо Паскали од ПК Охридски Бранови кој е технички организатор на трката.

Во водите на Охридското езеро листата на пливачи ја предводи осум кратниот победник Бугарниот Петар Стојчев, кој по маратонот во Магог изби на првото место на Светската ранг-листа, пред Дамјан Блаум од Аргентина. потоа Италијанците Родолфо Валенти и Себастијано Мауро.

Тој за прв пат настапил во далечната 1993 година и ова за него ќе биде 17 -ти настап на маратонот. – Оваа година немам пораз на трките на кои сум настапил. Моето остуство го искористија останатите кои избија на врвот на листата на генералниот пласман. Очекувам со победа во Охрид да избијам на врвот на листата. Дополнителен проблем за мене како и за сите е аклиматизацијата, бидејќи доаѓаме од Канада и преку ден ми се спие, додека на вечер не можам да заспијам. Охрид е прекрасен го сакам езерото и очекувам добра и брза трка – рече осумкратниот победник Петар Стојчев.

Македонската експедиција која брои пет члена и тоа сите во машка конкуренција ја предовди Евгениј Поп Ацев кој е шесто пласиран на светската ранг листа, за освојување на петта позиција во генерален пласман ќе се бори со Германецот Алексадар Стуџински.

Уморен сум но се чувствувам подготвен да направам добар резултат. Конкуренцијата е голема, а за мене е успех ќе биде пласман од 4 до 7- мото место, напорно тренирав оваа година и се надевам на добар резултат – рече Поп Ацев

ОПМ  ќе добие нов победник во женска конкуренција, откако минатогодишната победничка италијанката Камила Фредиани не се пријави за овогодинешниот маратон. Листата кај дамите ја предводи водечката во генералниот пласман аргентинката Гељо Пиљар, а тука е и победникот од пред три години шпанката Естер Њуњез Гомез Морера. По откажувањето на Теодора Раптис во Охрид нема македонска пливачка која ги бранува водите на езерото.

Ќе биде доста потешко оваа година да го повторам тој успех,  доаѓам исцрпена бидејќи ова е трета трка во серија.  Овде во Охрид, езерото е прекрасно чисто , мирно и мислам дека е перфектно, и се надевам дека ке биде добра и интересна трка. Јас сум втора го генералниот пласман, и се надевам дека со победа на трката во Охрид ќе ја победам мојата конкуренција аргентинката Пиљар. – рече победничката од 2007 година Њунез.

Охридскиот маратон чиј фонд годинава изнесува 25 илјади долари го организира пливачката федерација на Македонија а технички организатор е клубот за спортови на вода охридски Бранови од Охрид.

Стартер на трката ќе биде градоначалникот на Охрид Александар Петрески, Директор на трката е Сашо Точко.

По стартот во Св. Наум во 12 часот, до целта на градското пристаниште маратонците ќе поминат низ вкупно 12 контролни точки. За регуларноста на трката ќе се грижат 13 судии, а за беспрекорната организација ангажирани се 7 хидро глисери и 40 кајчиња за пратење и контрола.

Петрески го спаси маратонот

Охридскиот градоначалник Александар Петрески во последен момент интервенираше и го спаси Охрид и Македонија од поголем срам не дозволвајќи маратонот да претрпи фиаско. Откако ПФМ не ги обезебеди потребните средства, локалната ја дополна касата на ПК “Охридски Бранови“ со потребните 300 илјади денари.  -Поради недостиг на средства можеше да ни се случи спортска трагедија, долгогодишната традиција да прекине. Се надевам дека од идната година навреме ќе се обезбедуваат средства. Петрески со неговиот гест го спаси маратонот иако планиравме да бараме и собираме пари од сите можни пријатели – вели Никола Маленко

М.Постоловски