Младата охридска фудбалерка Марија Климоска дебитираше во дресот на женската фудбалска репрезентација на Македонија до 17 години, која денеска во Колашин одигра нерешено 3:3 против Црна Гора во првиот од двата контролни натпревари.
Климоска, која настапува за италијанскиот Brescia Calcio Femminile, доби доверба од селекторката Катерина Милеска и натпреварот го започна во првиот состав на Македонија.
Домаќинот одлично го отвори натпреварот и по само 22 минути имаше предност од 3:0. Теодора Цебаловиќ погоди во 4. минута, Милена Чукиќ во 17., а Тамара Јововиќ во 22. минута.
Македонските фудбалерки, сепак, не се предадоа и приредија големо враќање. Глорија Тодорова во 35. минута намали на 3:1, а истата фудбалерка со својот втор погодок во 62. минута ја врати Македонија целосно во игра. Конечните 3:3 ги постави Лина Мицовска во 86. минута.
За Климоска настапот во Колашин беше посебен – прв во црвено-жолтиот дрес откако охриѓанката за првпат доби повик во националната селекција до 17 години. Нејзиниот репрезентативен повик претходно со посебна објава го одбележа и нејзиниот клуб од Бреша.
Македонија: Ања Стојмиловска (од 46. Магдалена Иломаноска), Марија Климоска, Нина Манасиева (од 60. Стефани Богдановска), Тамара Атанасовска (од 60. Софија Величковска), Лана Спасовска (од 46. Ана Марија Велевачкоска), Душица Лазареска, Елена Наумоска, Лина Мицовска, Јана Милошевска (од 46. Марија Велиновска), Емилија Ивковиќ и Глорија Тодорова.
Црна Гора: Илда Ораховац, Николина Мозер (од 68. Јована Бошковиќ), Софија Влаовиќ, Јована Јовановиќ (од 19. Ана Гардашевиќ, од 68. Ксенија Оровиќ), Теодора Цебаловиќ (од 78. Тина Јанкетиќ), Тамара Јововиќ, Елена Дамјановиќ (од 78. Јана Марсениќ), Катарина Митровиќ (од 46. Викторија Голубовиќ), Милена Чукиќ (од 46. Аделина Ораховац, од 78. Војка Баошиќ), Николина Лаковиќ, Милица Мијовиќ (од 46. Маша Џикниќ).
Македонија и Црна Гора ќе одиграат уште еден контролен натпревар во четврток од 11 часот.
OhridNews
Од Охрид и Бреша до црвено-жолтиот дрес: Марија Климоска доби репрезентативен повик











