Кошаркарите на АВ Охрид по план и со посакуван ефект ја завршија првата полусезона во Првата лига, додека во дебитанското учество во Втората АБА лига не оди според планот и очекувањата. Спортскиот директор во клубот, Марјан Бошалески со писмо до спортската редакција на Ohrid News реагира за третманот од националните медиуми кон охридскиот клуб кој организациски е далеку пред другите екипи не само во кошарката, туку во македонскиот спорт воопшто.

– Охриѓани ја сакат кошарката, Охрид имаше клубови кои оставија свој печат во периодот кога се натпреваруваа некои и во Втората југословенската и во Првата македонската лига во женска и машка конкуренција, како и Куп на Македонија и Еурочелинџ куп. Охрид како град знае да организира и настани од висок дострел како ЕП па и СП со што луѓето инволвирани во спортот добро ќе знаат за што зборувам и која ми е поентата. Како човек кој долги години сум во кошарката можеби не многу експониран и со звучно име, ќе спомнам еден факт дека од последниот клуб во машка конкуреција КК АМАК -СП во кој исто така бев вклучен како помошник тренер во Охрид со доаѓањето на г-ин Милчо Донески како спонзор на КК АВ Охрид искрено јас и многумина кои се подолги години во кошарката и спортот воопшто не сме почувствувале поголема професионалност на клупско ниво на кошарката во Охрид па и пошироко. Човек кој сиот свој живот работи и стопанисува во САД одлучува да вложи во спортот во својот роден град Охрид. Првата година коректно со еден изгубен натпревар и висока професионалност како и медиумска подршка АВ Охрид влегува во Првата македонска лига, но ќе спомнам дека и покарај залагањата на клубот за тенденција за првото место како услов за влез во првата лига покрај АВ-Охрид влегуваат и КК-Пелистер и КК-Вардар кои според мене Федерацијата некоректно постапи кон нас како клуб за што никој од медиумите не реагираше.

Првата сезона како нов тим во елитата нормално е да не избрзуваме со очекувањата и како и бидна во (play-out) остануваме како прволигаши, но по завршување на првенството во наредната сезона повторно покрај КК-АВ кој си обезбеди опстанок повторно под изговор за поквалитетно првенство се зголемува бројот на прволигаши и влегуваат КК-Пелистер и КК-Шкупи, повторно преседан и единствено на штета само на КК АВ Охрид, а медиумите повторно не реагираат.

Оваа сезона охридскиот клуб имаше одличен старт во македонскиот шампионат, но и лош, а понатаму и катастрофален тек во Втората АБА лига, според мене и многумина познавачи на кошарката нереален след на настаните и резултатите, но нејсе од каде толкава злоба и потсмев посебно на неколку портали и медиуми за огромната медиумска хајка кон клубот. Да појасниме несакам да се споредувам но МЗТ – Скопје со должна почит кон клубот, управата и играчите спортските новинари би напишале цитирам „Одигра лош натпревар претрпе пораз со негатива од 25 поени, а за АВ Охрид цитирам „Повторно потоп на охриѓани пораз 30 негатива“ и служат за потсмев во АБА – 2 лигата. Неможам да разберам зошто и до кога ќе трае овој синдром на самоуништување и омаловажуање на се она што е наше и ново кое треба да се подржи и мотивира. Немаме потреба од помош, оставете не сами да излеземе од оваа состојба. За мене како спортски работник не е срамно да излеземе на мегдан и да се борам, да ги согледувам грешките и да учам тоа го правиме и во клубот растиме, се бориме и ќе се избориме и ќе пораснеме. Се има свој почеток, но текот на настаните и крајот никој не може да ги предвиди. Свесни сме за нашите грешки, но би ги замолил посебно медиумите со кои од почеток имаме одлична соработка попрофесионално да си ја одработуваат работата, а од федерацијата и судиите бараме еднаков третман за сите клубови. – стои во писмото од Марјан Бошалески.

Спортскиот директор во име на клубот на крајот од писмото им ги честита Новогодишните и Божиќните празници на сите охриѓани и граѓани во Република Македонија.

OhridNews