Младата охридска легенда Марко Пејчиновски утрово на својата фан страна на Фејсбук ги откри деталите за новиот подвиг, кој ќе се обиде да го оствари на 28 август.

На празникот Голема Богородица Марко ќе го плива триаголникот Охрид-Св.Наум-Струга-Охрид, а подвигот, како што најави претходо, го посветува на лицата со ретки болести!

После испливани преку 1000 км, напорни тренинзи, нервози, препреки, ветришта, браној, дожд, ладно и топло време, ОФИЦИЈАЛНО ви кажвам дека на празникот ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА, јас ке пливам од Охрид до Св. Наум, преку Струга назад до Охрид. – напиша Марко на својот Фејсбук профил.

13-годишниот Марко Пејчиновски, минатата година направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа во еден здив успеа да го преплива Охридското Езеро од Св. Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач кој ја препливал оваа делница, што го сврстува во легендите на пливачкиот спорт. Успехот на Марко е дотолку поголем ако се има предвид дека тој има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Годинава Марко пред себе постави сериозно голем предизвик со исклучителна хумана цел, да се сврти вниманието на општествените чинители кон лицата со ретки болести, кои секојдневно бијат маратонски битки и се соочуваат животозагрозувачки препреки. Марко ќе биде гласот на овие луѓе кој на 28 август ќе се претвори во крик за поддршка на лицата со ретки болести и подобрување на нивниот статус во општеството, а пред се на здравствената грижа за нив.

OhridNews