Од како ја започнав својата пливачка кариера до денес правам подвизи кои никој до сега ги нема направено. Секогаш сакам да ги кревам стандардите, да направам нешто поголемо, да направам нешто потешко, да го тргнам зборот невозможно од нашиот речник. Да докажам дека и кога нема да успееме, треба да ја држиме главата горе и да пробаме повторно. Да докажам дека сите можеме да успееме, без разлика на препреките кои ни стојат на патот, рече во видео пораката објавена на неговиот официјален фејсбук профил младиот охриѓанец Марко Пејчиновски.

Ова лето јас повторно сакам да ги кренам стандардите. Затоа, ова лето, јас, Марко Пејчиновски ќе имам 10 препливувања во 10 викенди и ќе испливам 250 километри. Целта со ова ми е да докажам дека и во Македонија има таленти и дека и овде има деца кои чекаат да им се пружи рака за да се докажат, дека и ние имаме спортски потенцијал. Сакам да ги поттикнам другите спортисти за да имаме претставници на секој натпревар, во секој спорт. Заедно да докажеме дека нашата земја не е за потценување, порача Марко.

Додаде дека датумите на препливувањата ќе бидат објавени пред секое пливање.

Од Вас барам да ме поддржите. Знам дека нема да е лесно, но јас знам и дека ќе можам ова да го направам. Поддржете ме мене и сите други спортисти, бидејќи ние сме тие кои ја прават државата подобра, рече Пејчиновски.

Инаку, во септември минатата година Пејчиновски пливаше за децата со ретки болести. Претходно, Марко преплива од Охрид до Св. Наум на 3-ти јули во чест на празникот посветен на „Преподобен Наум Охридски Чудотворец“ кој се празнува на тој ден, и стана најмладата личност која ја препливала оваа патека за време од 7 часа и 15 минути.

Марко во 2018-та година за неполни девет часа го преплива Охридското Езеро и стана најмлад пливач кој остварил таков подвиг, што го сврсти во легендите на овој спорт и на Охрид воопшто, и му донесе бројни награди и признанија.

OhridNews