Мароко и официјално се откажа од организацијата на завршниот турнир на Африканското фудбалско првенство кое треба да се одигра во текот на јануари 2015 година, и тоа поради епидемијата на еболата, пренесоа тамошните медиуми.


Со оваа одлука одигрувањето на Африканскиот куп на нациите во јануари следната година е доведено во прашање и турнирот веројатно или ќе биде откажан или одложен за некој подоцнежен термин.

Мароканците во саботата го одбија ултиматумот на Африканската фудбалска федерација (CAF) конечно да се изјаснат дали сакаат да го организираат првенството на 16-те најдобри африкански фудбалски селекции. Наводно Мароко барал нов термин, но Федерацијата тоа го одбила.

Конечната одлука за судбината на Африканскиот фудбалски куп на нациите ќе биде донесена следната седмица на состанокот на Извршниот одбор на CAF во египетската престолнина Каиро.

„Макфакс“