Незадоволни од моделот за плата по учинок, лекарите од државното здравство денеска штрајкуваа пред зградата на Владата, а во исто време лекарите кои не го поддржуваат штрајкот ги повикаа своите колеги да се вратат на работа, пренесува „Макфакс“.

Организирани од Самостојниот синдикат на Клинички центар, лекарите маршираа од Градскиот парк до Владата, каде побараа оставка од министерот за здравство Никола Тодоров и побараа директни разговори со премиерот Никола Груевски.

„Министерот одбра да го игнорира штрајкот на срцето на македонското здравство и значаен дел на интелектуалната елита на Македонија, министерот кој си дозволува да го ризикува здравјето на граѓаните, а во исто време истиот министер кој не нè гледа ни се закануваше јавно, ги злоупотреби институциите на системот, сé со цел да се задуши и скрши овој апсолутно легитимен штрајк. Јавноста сама треба да суди на кого му е доверено здравјето на граѓаните и осигурениците. Нам ни е јасно кој и каков човек е во прашање и затоа од денес не бараме и не сакаме преговори со него, бараме од премиерот да го реши овој проблем“, рече Дејан Ставриќ, претседател на самостојниот синдикат.

Истовремено, лекарите од Клиничкиот центар кои не го поддржуваат штрајкот од пред Министерството за здравство повикаа на разумност и побараа од своите колеги да се вратат на работа.

„Го поддржуваме проектот плаќање по учинок, бидејќи тоа беше наша лична заложба со години. Не би сакал да се извлече заклучок дека ова е контрапротест. Апсолутно не се работи за тоа, бидејќи мислам дека барем во однос на проектот сите сме единствени. Можеби се разликуваме околу начинот на реализација затоа што ние сметаме дека е неопходна здравствена политика и стратегија, но не и политика во здравството“, изјави Борче Георгиовски од Клиниката за хематологија.

„Не го поддржуваме штрајкот како форма на дејствување, бидејќи со тоа се нарушуваат здравствените процеси и лекувањето на пациентите, а со тоа доаѓа и до проблеми меѓу лекарите. Се создаваат и одредени незадоволства меѓу нас како колеги, а сето тоа некој сака да го искористи најверојатно во политички цели“, Благоја Даштевски од Стоматолошки клинички центар.

OhridNews
извор:“Макфакс“