Името на Мартин Ивановски се најде на поширокиот список кој го објави новиот селектор Кирил Лазаров, за претстојните квалификациите мечеви на Македонија против Данска, за пласман на Европското првенство. Во поновата историја на охридскиот ракометен клуб, Ивановски е втор ракометар со повик за сениорската репрезентацијата. Првиот го имаше Иван Тасески, кој беше вклучен од Лино Червар во 2016 година.

Националниот дрес претставува едно од најголемите достигнувања за секој спортист. Сите спортисти мечтаат еден ден да заиграат за својата земја. Така и јас. Чест и задоволство ми е што се најдов на поширокиот список во репрезентацијата на новиот селектор Кирил Лазаров. До сега сум бил дел од кадетската и младинската селекција, но за мене ова е прв повик во сениорскиот колектив и чувството е одлично. Сето ова ќе делува мотивирачки за мене, да продолжам со напорна работа и да го поминам финалниот рез во селекцијата, – изјави Ивановски.

Подготовките на неговиот матичен клуб Охрид финишираа, а Ивановски е максимално фокусиран на мечевите од плејофот, кои следуваат.

Поголем дел од зацртаните планови во подготовките ги остваривме. Мал хендикеп беше што останавме во Охрид и сите контролни мечеви ги одигравме во нашата земја. Резултатите, а пред се играта ветуваат многу за плејофот кој следува. Имаме добар тим и тренер, мотивирани сме за надигрување и мислам дека можеме да успееме во нашите намери. Се освен пласман на позициите кои водат во Европа за нас ќе биде неуспех.  додаде Ивановски.

„Гладијаторите“ официјалните натпревари во пролетнатата полусезона ќе ги отворат со куп дуелот против Делчево, кој ќе се одигра в четврток, на теренот од противникот.

OhridNews