По ракометот и машката кошарка се враќа во Охрид. Во новата кошаркаска сезона која започнува во октомври КК Колибри ќе се натпреваруваа во третата сениорска лига. Товарот во клубот ќе го понесат кошаркари кои потекнуваат од оваа школа, кои во изминатите неколку години ги минаа сите младински категории.


КК.Колибри уште во август ги започна подготовките за натпреварувачката 2011/2012 година. Првата фаза мина подобро од очекувањата, сите кошаркари  се во добра здравствена состојба и подготвени за стартот на првенството. Од предходниот викенд одигравме и неколку пријателски натпревари со екипите на Црн Дрим, Старс како и екипата на Пелистер во Битола – рече Весна Балазоска, тренер во клубот.


Балазоска која им го честиташе успехот на македонските кошаркари очекува победничката еуфорија која беше пристутна во Охрид да продолжи, но и охриѓани во иднина да им дадат поголема поддршка на локалните клубови, полнејќи ги спортските арени во истиот број со кој ги полнеа кафеаните за време на мечевите од репрезентацијата.

За пофалба е и гестот на нашиот Градоначалник кој беше на една од прославите со македонските херои, па се надевам дека и тој несебично и оваа година ќе ја даде својата поддршка и ќе ги помага локалните клубови -истакна Балазоска.


Потврда за тоа дека охридската кошарка има светла иднина, беше неодамешниот триумф на охридските Колибри на турнирот во Истанбул на кампот на Андолу Ефес, клуб чии бои сезонава ќе ги брани македонскиот репрезентативец Влатко Илиевски.

Женскиот клуб ставен во мирување

Женскиот клуб сезонава нема да се натпреварува, нашиот стручен штаб одлучи да се посвети на запишување и афирмирање на нови членови, кои догодина ќе може самостојно да се натпреваруваат во некоја од женските лиги, притоа независејќи од надворешни членови-т.е. странски играчи.

OhridNews