На иницијатива на Лајанс клубот „Охрид“ и образовниот центар „Писи“, во септември започна реализацијата на проектот „МАТЕматика3Мк“, во рамки на кој два пати неделно се одржува бесплатна онлајн настава по математика за учениците од 3 одделение.
Со потпишување на меморандум со Дистрикт 132 Македонија, во рамки на кој функционираат четириесеттина лајанс клубови со над 700 членови, овој хуман проект се прошири низ целата држава.
Основната идеа е во оваа пандемија да обезбедиме бесплатни онлајн часови по математика за учениците од 3 одделение, но тоа да биде и момент кога и нивните родители ќе најдат малку време да се дружат повеќе со нивните деца. Проектот е предвидено да трае до мај, до кога ќе се реализираат 72 часа по 30 минути секој понеделниик и среда од 20:15 часот до 20:45. Часовите се реализираат преку фејсбук профилот на образовниот центар „Писи“, до кој децата можат да пристапат преку профилите на нивните родители или нивен близок кој е возрасен. – објаснува Ангел Јанев од „Писи“.

Оваа активност има за цел и да постави предизвик на многу општетствено одговорни компании коишто сакаат на некаков начин да учествуваат во вакви и слични проекти. – додаде Јанев.

Овој е само еден од проектите на ЛК „Охрид“. Имаме уште многу за кои се надеваме дека ќе добиеме поддршка од институциите и локалната заедница. – рече Омероглу.

Ја поддржавме идејата на ЛК „Охрид“ и Образовниот центар „Писи“ и го споделивме онлајн овој проект преку сите клубови и нивните членови, со цел да допре до што е можно повеќе деца. Благодарение на сите, а најмногу на охриѓани овие часови веќе стигнаа до многу ученици. – изјави Талев.

Г.М.













