Матноста на водата во изворот Шум и водоводната мрежа во Струга е во граница на нормалата покажуваат денешните анализи на примероците од вода спроведени од Центарот за јавно здравје – Охрид. Сепак, велат, граѓаните сеуште да не ја употребуваат водата за пиење.

И покрај тоа што матноста и во Извор Шум и во градот Струга е во граници на нормала, граѓаните нека се стрпат уште малку зашто вредностите на матноста не се постојани, варира од ден на ден, велат од Центарот за јавно здравје.

При хемиската анализа, потенцираат, добиени се следните резултати за матноста:

  • Извор ШУМ (внатре)-матност 0,85 N TU ( MDK 1,5 NTU )
  • Општа Болница-Струга-матност 0,97 NTU ( MDK 1,5 NTU )
  • Завод за НЕФРОЛОГИЈА-матност 0,81 NTU ( MDK 1,5 NTU ).

Воедно, информираат дека во текот на утрешниот ден ќе се повтори контролата за матноста во Општина Струга и изворот Шум за што граѓаните ќе бидат повторно информирани.

Од ЈП „Водовод и Kанализација“ – Струга денес со цистерни обезбедија вода за пиење за граѓаните поставени кај Општа Болница Струга на улица „Ристо Крле“ во периодот од 09:00 до 12:00 часот,  кај Градски пазар од 12:00 до 15:00 часот, плоштад на Револуција на улица „Маршал Тито“ од 15:00 до 18:00 часот и во населба „Езерски Лозја“ во периодот од 18:00 до 20:00 часот.

Од Општина Струга, пак, информираат дека стручните анализи укажуваат дека изворите „Шум“ и Горна Белица се дел од чувствителен карстен хидрогеолошки систем, во кој секоја површинска интервенција директно влијае врз квалитетот на подземната вода.

Дополнително, присуството на неконтролирани ископи и депонии од комунален и градежен отпад во сливните подрачја претставува сериозен ризик за квалитетот на водата. Зголемената матност што се регистрира при интензивни врнежи е индикатор дека површинските материи навлегуваат во системот, што бара внимателен и стручен пристап, посочуваат.

Општина Струга, додаваат, ќе преземе и ќе иницира итно разгледување и ревизија на состојбата во изворишните зони, воспоставување и зајакнување на санитарните заштитни зони, отстранување на диви депонии во сливните подрачја, обезбедување законски предуслови за уредно управување со водните ресурси, како и независна стручна експертиза и мониторинг.

Н.С.Ј.