Учениците од гимназиско, средно уметничко и средно стручно образование со четиригодишно траење, денес  и на 12 јуни, вторник ќе ги полагаат екстерните испити од државната матура во јунскиот испитен рок.

За полагање државна матура се пријавени 19.052 ученици во 97 јавни и седум приватни средни училишта.

Задолжителниот дел на државната матура ќе се спроведе денeска, додека пак  испитот по изборниот предмет е на 12 јуни со почеток во 10 часот. Полагањето ќе го следат 230 набљудувачи и 2.000 тестатори.
 
За подобро иниформирање на матурантите публикуван е „Водич за државна матура“ на македонски, албански и турски јазик.

Годинава првпат материјалите ќе се дистрибутираат два до три часа пред полагањето за да биде загарантирана тајноста на испитите.

Министерот за образование и наука Панче Кралев очекува годинашната државна матура да има подобри резултати од лани и да го следи трендот на подобрување што беше забележан во претходните четири години. Годинава постои тенденција за избор на странски јазик на сметка на математика. Бројот на пријавени за полагање математика е намален за 20 проценти во однос на минатата година.

Прелиминарните резултати од екстерните испити од јунскиот испитен рок на државната матура ќе бидат објавени најдоцна до 12 јули 2012 година. Кандидатите кои сметаат дека не се правилно вреднувани ќе имаат право на приговор.

OhridNews