Денеска на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се одржа отворен ден за матурантите, на кој идните студенти имаа можност да се запознаат со начинот на работа на оваа високообразовна институција, да поразговараат со раководителите на студиските програми, професорите, менаџментот и членовите на студенскиот парламент.
Исто така, идните академски граѓани се запознаа со новата кетеринг програма која ја нуди факултетот, пробувајќи дел од гастроносмките специјалитети кои ги приготвија студентите од оваа институција.
„Денеска се чувствувам среќно и исполнето, бидејќи сме домаќини на една ваква голема манифестација, особено што во нашиот хол се почувствува голем џагор. Се надевам дека тоа ќе биде континуирано во текот на целата школска година, дека ќе имаме многу студенти и после долга најава, ја отворивме новата кетеринг програма за која сметаме дека добро ќе функционира. Сакам да изразам голема благодарност до општината и нашиот градоначалник, кои ја почувствуваа енергијата и нашиот ентузијазам и континуирано не подржуваат. Истовремено, благодарност до сите угостителски работници, кои денес беа тука и имаа можност да вкусат од специјалитетите на нашата кетеринг програма.“ – рече професор д-р Ангела Василевска.
Проф. д-р Цветко Андреевски, истакна дека преку овој отворен ден со матурантите кој за прв пат се организира во Факултетот за туризам и угостителство, идните студенти имаа можност да се запознаат со студиските програми, просторните можности и техничката опременост на факултетот.
„Исто така идните студените се запознаа со можностите за нивна мобилност, размена со други странски факултети, збогатување на нивното теоретско со практично знаење, и на таков начин полесно ќе можат да ја донесат одлуката за избор на соодветна студиска програма. Матурантите имаа можност да видат и пробаат гастрономски специјалитети кои ги подготвија нашите студенти и од денес свечено почнуваме со нудење на нови услуги, кетеринг, кои ќе се достапни за сите наши граѓани.“ – истакна Андреевски.
На отворениот ден со охридските матуранти, присустуваше и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој меѓудругото потенцира дека овој ден за многу ученици претставува одлучувачки за одбирање на овој факултет, како институција каде ќе го продолжат своето образование.
„Навистина Факултетот за туризам и угостителство е една од вредните високонаучни образовни институции во Македонија, која е расадник на врвни професионалци од областа на туризмот и угостителството. За нас како локална самоуправа, претставува важна алка во подобрување на квалитетот на услугите во делот на туризмот и угостителството во градот Охрид, како една од носчеките стопански гранки на градот.“ – рече Бакрачески.
Тој потенцира дека новите програмски содржини кои ги нуди ФТУ Охрид, значително ќе придонесат да се прифатат светските стандарди во делот на туризмот и угостителството.
„И понатака оваа установа ќе етаблира како една од врвните во Република Македонија во делот на образованието. Секако дека и новите кетеринг програми, кои што се во нивната редовна програма, ќе овозможат не само можност за стекнување нови знаења на студентите од овој факултет, туку и своевидна можност угостителите во градот да го збогатат својот квалитет на услугите кои ги даваат.“ – потенцира Бакрачески.
Како што тој рече, соработката помеѓу локалната самоуправа и Факултетот за туризам и угостителство е на високо ниво, а како резултат на истата, никнуваат повеќе иницијативи кои се реализирани во текот на изминатата година.
„Како резултат на таа соработка дојде и можноста за добивање еден проект од ИПА програмата за прегугранична соработка со Република Грција, преку која ние имаме можност да добиеме нови содржини во градот Охрид, а ФТУ да ги збогати содржините во делот на кетерингот, односно со една нова ботаничка градина.“ – рече Бакрачески.
Инаку, денешниот настан беше збогатен со музичка програма со Антонио Пејоски
O.T.












