Со изведба на познатиот штраусов танц квадрил, денеска на градскиот плоштад охридските матуранти од гимназиските, економските и медицинските паралелки го одбележаа крајот на завршување на средното образование преку манифестацијата „Матурска парада“.

Пред бројните присутни се обрати градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој на охридските матуранти им посака здравје, успех и многу пријатни моменти во животот.

Охрид денес е дел од еден голем интернационален настан на матурантите од 11 држави во Европа, кои сите заедно под звуците на Штраус, ќе танцуваат  квадрил на Матурската парада 2013. Охридските матуранти во еден такт со своите врсници од другите стотина градови, денес почнуваат да го прославуваат завршувањето на дел од својата кариера, оној дел од заедничко дружење во средношколските клупи и делењето на заеднички моменти кои остануваат засекогаш врежани во човечката меморија.“ – изјави Бакрачески во своето обраќање.

Професорката Соња Думбалова, под чие водство средношколците се подготвуваа за денешниот настан, истакна дека од година во година охридските матуранти се подобро ги исполнуваат зацртаните норми кои се бараат за овој танц.

Драги матуранти, ви посакувам се најдобро во понатамошниот живот и кариера. Сакам да изразам голема благодарност до локалната самоуправа и до градоначалникот што ни удосто со поддршката и присуството. Воедно, сакам да им заблагодарам на моите драги колеги од архивот за спорт за неизмерната поддршка и до директорот на охридската гимназија, Наум Рилкоски.“ – истакна Думбалова.

Директорот на охридската гимназија Наум Рилкоски, од срце им ја честита матурата на средношоклците со желба за понатамошни успеси.

Како и секоја година, матурантите максимално беа примеремени. Сакам да им ја честитам матурата, да бидат здрави, живи и весели, бидејќи тие се огледало на идните генерации.“ – изјави Рилкоски.

Охридските матуранти пред присутните јавно и се заблагодарија на професорката Соња Думбалова, за макотрпната работа и вложениот труд во оваа манифестација.

Професорке, јавно ви се заблагодаруваме за сите часови поминати спремајќи не за овогодинешното продолжување на традицијата на Матурската парада со целокупната ваша ангажираност. За челичните нерви, за справувањето со 400-те ученици. Ви благодариме за вашето дело, за решителноста.“ – изјави охридската матурска генерација.

Инаку, меѓународната манифестација „Матурска парада“ оваа година се оддржа на  плоштадите во повеќе градови од земјава.

O.T.