По повод Меѓународниот ден на менталното здравје, Младински Центар Охрид (МЦО) организира нов младински круг на универзална тема „Seen. Overthink. Repeat.“, кој ќе се одржи на 13ти октомври 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во просториите на Младински Центар Охрид.
Колку често премислуваме за порака што сме ја испратиле, за seen без одговор, за лајк што изостанува или за објава на која некој не реагирал? Во време кога социјалните мрежи се неизоставен дел од секојдневието, важно е отворено да зборуваме за нивното влијание врз нашите мисли, расположение и самодоверба. Притисокот да се вклопиме, постојаното споредување со другите, потребата за онлајн одобрување и прекумерното размислување за туѓите реакции се предизвици со кои се соочуваат многу млади, но и возрасни. Токму затоа, создавањето безбеден простор за разговор, споделување искуства и меѓусебна поддршка е особено важно, велат од МЦО.
Младинскиот круг ќе го водат младинските работници Павел Балабан и Тијана Скепароска, кои ќе ги поттикнат учесниците да разговараат отворено, без осудување и без потреба да се преправаат дека секогаш е сè во ред.
Настанот е отворен за сите заинтересирани кои можат да се пријават преку следниот формулар: https://forms.gle/
Претходните искуства или познавања од темата не се потребни. Доволни се желба за разговор, слушање и споделување, потенцираат од МЦО.
Со ваквите активности, Младински Центар Охрид продолжува да создава простор во кој младите можат да ги изразат своите мислења, да ги споделат своите искуства и да разговараат за прашања што директно влијаат врз нивниот живот.
OhridNews












