Во Струга се одржува дводневна меѓународна конференција за регионална соработка насловена „Дијалог за БЗР“. Конференцијата е во организација на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) во соработка со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), а нејзиното одржување е финансиски помогнато од страна на Европската Унија.
Главните цели на Конференцијата се регионалната соработка и вмрежувањето на граѓанските организации од ИПА регионот, како и унапредување на регионалните граѓански организации како кредибилен партнер за дијалог со државните институции. Една од важните цели на оваа меѓународна организација е понатамошното поттикнување на регионално партнерство помеѓу Советите за БЗР и продлабочување на соработка со граѓанскиот сектор во насока на подобрување на работните услови во земјите на Западен Балкан.
Посебен акцент на конференцијата ќе биде ставен и на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат работниците и работодавачите во однос на безбедноста и здравјето при работа во услови на пандемијата предизвикана од Ковид-19, како и изнаоѓање на позитивни пракси и решенија за оваа состојба.
Развојот на национални стратегии, системи и програми за безбедност и здравје при работа, како и унапредување на културата за превенција ќе бидат едни од поважните теми на конференцијата. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат и со практичната примена од првата национална методологија за проценка на ризик на работно место при изложеност на Сарс Ков-2 вирусот, во рамки на која за прв пат се предлага воведување на т.н. „ковид-возраст“.
На настанот учествуваат претставници од МЗЗПР, ССМ, ОРМ, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Конфедерацијата на слободни синдикати, Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Здружението на судска администрација, како и повеќе реномирани граѓански организации кои се занимаваат со проблематиката поврзана со БЗР.
OhridNews