Ракометарите на Охрид ја забележаа првата гостинска победа во Супер лигата совладувајќи го битолски Пелистер во третата рунда од шампионатот со 25-19 (10-10). За „гладијаторите“ ова е втор триумф во серија после победата над Работнички во СРЦ „Билјанини Извори“ во претходната рунда.

Првото полувреме помина во егал. Пелистер водеше на почетокот од натпреварот, а после 20-та минута и Охрид успеа да поведе. После неколку голови во серија двете екипи на одмор заминаа со идентични бројки на семафорот 10-10.

На стартот од вториот дел, охридските ракометари ја „стегнаа“ играта во одбрана а во нападот успешно реализираа за прво водство од три голови 16-13. На истекот од 45-та минута, Охрид поведе со четири голови разлика 18-14, а до 50-та „гладијаторите“ се одлепија на недостижни 23-15. До крајот на мечот темпото на игра опадна и Охрид славеше со 25-19.

Во тимот на Охрид најефикасни беа Бобан Блажески и Филип Кривокапиќ со по шест постигнати погодоци, а после нив следуваше Денис Тот со пет голови. Кај битолчани најпрецизни беа Стефан Дрогришки и Андре Буторац со четири постигнати погодоци.

Во четвртата рунда од Супер лигата, Охрид на домашен терен ќе ги одмери силите со Радовиш.

OhridNews