Охридските кошаркари во 14-та рунда од Првата македонска кошаркарска лига пред своите гледачи во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе одиграат исклучително важен натпревар против составот на Фени Индустри.

Плејоф амбициите на „галебите“ првично зависат од овој меч со кавадарчани, а потоа од другите три натпревари кои ќе ги играат со екипите од подолниот дел од табелата.

Охриѓани пред дуелот со трикратниот шампион на Македонија имаа ист скор 6-7 и со евентуален триумф ќе зачекорат кон плејофот во елитата.

Мотив повеќе за пулените на охридскиот стратег Петар Чочороски сигурно ќе биде несреќниот и незаслужениот пораз од есенската полусезона во Кавадарци. Тогаш, охриѓани изгубија во дополнителните пет минути по многу спорни судиски одлуки.

Натпреварот започнува во 18 часот, а на охридските кошаркари им е неопходна голема поддршка од трибините за што подобар резултат од мечот кој може да се окарактеризира како финале.

Двојки 14.коло: МЗТ Скопје – Струмица, Карпош Соколи – Куманово, Блокотехна – Шкупи, Гостивар – Пелистер, АВ Охрид – Фени Индустри, Работнички – Кожув.

Табела: Работнички 26, Блокотехна 24, МЗТ Скопје 23, Куманово 21, Гостивар 21, АВ Охрид 19, Фени Индустри 19, Карпош Соколи 18, Кожув 17, Пелистер 16, Шкупи 15, Струмица 15.

OhridNews