Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов им врачи медали за храброст на четворица припадници на Армијата на Република Македонија, кои придонесоа за навременото укажување помош и извлекување на настраданите во сообраќајната несреќа што на 13 февруари се случи кај селото Ласкарци.
Претседателот Иванов ги одликуваше Семир Фета, Омер Емини, Бујамин Реџепи и Сељадин Саљихи со „Медал за храброст” за покажаната исклучителна храброст и пожртвуваност, кои со лично залагање како професионални војници и припадници на Армијата на Република Македонија придонеле за навремено укажување на помош и извлекување на настраданите во сообраќајната несреќа, што се случи кај селото Ласкарци, на патниот правец Скопје -Тетово.
Македонскиот претседател рече дека овие медали за храброст се симболичен начин со кој македонската држава и македонските граѓани ја изразуваат благодарноста. „Ја потврдивте верноста на Армијата кон македонските граѓани, спасивте човечки животи, и ја вративте надежта и вербата во добрината. Ја вративте вербата дека постои добрина во овој свет, и дека за таа добрина вреди да се бориме, секој ден и постојано”, порача македонскиот претседател.
OhridNews