Медијацијата во Македонија ќе добие на својата видливост и присуство во решавањето на споровите ќе ги растовари судовите од обемниот број на предмети, а пред се ќе помогне на субјектите, граѓаните и правните лица. Ова се очекува од новиот законот за медијација, што го предложи денеска македонската влада, со цел спроведување на крупна и суштинска реформа на дел од правосудниот систем.

Како што пренесува „Макфакс“, Владата се одлучила на ваков чекор откако анализите покажале дека медијацијата, која беше воведена пред неколку години, не ја оствари целта која беше поставена, односно не дојде доволно до израз како значајна алатка, имаше многу мало присуство и ефикасност.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информираше дека при подготвувањето на новиот закон биле користени најдобрите европски практики, искуствата на европските земји, а особено помошта од Кралството Холандија.

Со новиот закон за медијација се воведува обврска за задолжителен обид за медијација и тоа пред почнување на судската постапка и тоа во случаи кои ќе бидат прецизирани со посебните материјални закони. Во собраниска процедура веќе се законски измени на законот за парнична постапка со кои се предвидува задолжителен обид за медијација кај стопанските спорови кои се во вредност до 1.000.000 денари. Во владина процедура пак се законски измени со кои ќе биде предвиден задолжителен обид за медијација во поедини случаи од семејното право и правото на заштита на потрошувачите. На овој начин ќе се растоварат судовите од голем број на постапки, а странките ќе можат во еден процес кој е економичен и поефикасен да ги надминуваат споровите.

Огромна новина е предвидувањето на новата улога на медијаторот, со доминантна карактеристика на квалитет, стручност и способност на медијаторот. Тој како централна фигура во процесот со својот кредибилитет треба да стане синоним за препознавање на медијацијата како ефикасно, ефективно и делотворно правно средство, и на тој начин да даде поголема видливост на медијацијата.

Медијатор ќе може да стане лице кое ќе положи испит за медијација, и на кое ќе му биде издадена лиценца.

Предвидено е медијацијата да се субвенционира, и тоа само во случаи ако постапката за медијацијата не е предвидена како задолжителна со посебниот закон, и ако истата била спроведена пред започнување на судска постапка, една од страните во постапката за медијација е физичко лице, а медијаторот го пријавил предметот за медијација како завршен во Регистарот за евиденција на постапките за медијација, и презентирал трошковник на пропишан образец за наплатени трошоци на постапката за медијација и наградата на медијаторот. Пропишано е дека државата субвенционира само една постапка за медијација помеѓу исти страни за еден спорен однос со цел да не дојде до злоупотреби и да се спречи за еден ист спорен однос помеѓу исти странки да се користат субвенции од државата.

Со новиот закон се воведува ново тело кое ќе има централна улога во медијацијата, а тоа е Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата

Одборот е составен од 10 члена именувани од Владата на Република Македонија, и тоа: по еден член од Комората од редот на медијаторите, од Судскиот совет, од Адвокатската комора на Македонија, од Интер -универзитетската конференција, од Комората на психолози на Македонија, од Министерството за правда, од Министерството за труд и социјална политика, од Министерството за економија, од редот на стопанските комори во Република Македонија; и од Здружението на потрошувачи на Република Македонија.

Внесени големи новини во однос на Комората на медијатори, која е предвидена како здружение на лиценцираните медијатори впишани во Именикот на медијатори.

Детално се уредени актите на Комората, органите на Комората и начинот на нивниот избор, нејзиното финансирање, надзорот над нејзината работа и сл. Голема новост е воведувањето на Етичкиот совет на Комората, кој одговара директно на Собранието на Комората.

Цениме дека со ова ново законско решение ќе се остварат поголем број на придобивки и за странките и за општеството, ќе се даде поголема видливост и искористеност на медијацијата како соодветно ефикасно, ефективно и економично средство за решавање на спорови, со решенија без поразени и победници, ќе се растоварат судовите од голем број на предмети, а споровите ќе може да се решаваат на конструктивен начин, рече Ѓорѓиев.

OhridNews
извор:„Макфакс“