Дневниот весник „Вест“ денеска ја повлече анкетата: „Која водителка без гаќи пред Груевски?“. Весникот кој како одговор на поставеното анкетно прашање на читателите им понуди десет познати водителки, го  прекина гласањето, поради притисоци.

 „Поради неочекувани притисоци, Колегиумот на Редакција “Вест” одлучи да ја повлече онлајн анкетата “Која водителка без гаќи пред Груевски?”.

Анкетата, која почна во средата напладне и требаше да заврши денес во 14 часот, беше инспирирана од српската емисија во која водителка без гаќи и со длабоко деколте минатата недела го интервјуирала српскиот премиер Ивица Дачиќ.

„Вест“ ја направи анкета во која предложи 10 познати македонски водителки и новинарки, за читателите да изберат која од нив без гаќи да го интервјуира премиерот Никола Груевски. “-стои во соопштението на весникот „Вест“, кој им се извини на читателите кои гласале на анкетата.

Во врска со случајот попладнево со соопштение се огласи Владата на Република Македонија која информираше дека ниту таа, ниту Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, било која владина институција, или пак поединец од владините институции, или пак било кое тело или поединец од најголемата партија од владината коалиција нема учество во, како што се наведува, притисоците поради кои  „Вест“ ја повлечена споменатата анкета.

„Ова е особено значајно да се потенцира, затоа што од известувањето на редакцијата на весникот Вест за притисокот поради кој била повлечена темата, а во кое известување не се наведува од кое лице или од која страна бил вршен тој притисок, читателите и јавноста може да добијат тотално погрешен впечаток дека наводно тој притисок го вршела некоја владина институција или поединец од владините институции или пак партиите кои ја сочинуваат коалицијата, што е апсолутно неточно и невистинито”, соопшти Владата.

Реагираше и Здружението на новинарите на Македонија, кое ги осуди сите видови на притисоци врз редакцијата на Вест, кои довеле до тоа да се повлече анкетата “Која водителка без гаќи пред Груевски”.

ЗНМ смета дека Редакцијата на Вест треба да го посочи изворот на притисокот, за да може здружението институционално да реагира.

Покрај провокативната анкета на „Вест“, многу прашина крена и ударниот наслов на „Вечер“ кој започна потрага по хомосексуалци помеѓу новинарите. Овој весник во контекст на исто така провокативната тема посочи тројца познати уредници на медиуми.

Двата случаи кои повеќе медиуми меѓусебно ги поврзаа, се случуваат само ден откако Репортери без граници го објавијаи извештајот за состојбата со слободата на медиумите во 2013 година, во кој Македонија е рангирана на 116 место, што споредено со претходната година претставуваа пад од 22 места.

OhridNews