Медиумската заедница како никогаш досега беше длабоко партиски поларизирана за време на предвремените парламентарни избори, се вели во извештајот „Парламентарни избори 2011“, направен во рамки на програмата „Медиумско огледало“ на НВО Инфоцентарот.

Во извештајот се заклучува дека во ваква состојба, медиумите се поделени на поддржувачи на власта и владејачките партии и на такви што ги застапуваат ставовите на опозицијата. Се констатира дека политичарите не гостуваат на медиумите што ги сметаат за непријателски. Ова, како што се заклучува во извештајот, придонело за еднострано и еднонасочно информирање и претворање на новинарството во пропаганда.

Се посочува дека новинарите доминантно користат партиски и владини извори, што дополнително го потврдувал впечатокот за партизираност на општеството.

„Со ова се зацврстува црно-белиот пристап кон темите. Покажува дека во негува еден трансмисиски тип на новинарство на кое му недостасуваат анализи. Дури може да се забележи дека индивидуални форми на израз преку нови медиуми не се многу користени или со еден збор македонските медиуми комплетно одлучија да ја игнорираат разновидноста на македонското општество и да сведат на партиско општество создавајќи симулација која не е реален одраз на општеството“, вели Роберто Беличанец, член на аналитичкиот тим што го изготви извештајот.

Дополнително, во извештајот се констатира дека медиумите доминантно известувале за партиските активности, без подлабоко навлегување во суштински прашања. Се забележува и на мешање на вестите со коментари, што според авторите на извештајот, е зборува за висок степен на неспрофесионалност во покривањето на кампањата.

„Она што остана како впечаток од целокупниот мониторинг е она горчливо искуство што и Марк Твен го имал во своето време на живеење, кој се изразувал преку изјавата: Ако не ги читам весниците сум неинформиран, доколку ги читам сум дезинформиран“, рече Марко Трошановски, член на аналитичкиот тим.

Извештајот се однесува на периодот од 11-ти мај до 8-ми јуни, односно четири дена пред почетокот на изборната кампања, нејзиниот тек и три дена по нејзиното завршување. Мониторирани се вкупно 16 медиуми – осум печатени и осум електронски.

OhridNews