Мнозинското Здружение на приватните електронски медиуми на Република Македонија (ЗПММ) со низа амандмански забелешки во врска со новиот Закон кој треба да ја регулира оваа област.
– Повеќе од три месеци имаме новинар во притвор поради напишан текст пред 5 години. Новинарите сеуште не знаат зошто беа исфрлени од Собранието на 24-ти декември. Многу колеги немаат основни услови за работа здравствено осигурување и слично, не се знае веќе кој е новинар, кој е уредник, кој е сопственик на медиумите. Се нарачуваат текстови, се врши вистински медиумски линч на неистомислениците. Проблемите во делот со новинарите се големи и мора да се решат, но медиумите се многу повеќе од тоа. Вака со месеци зборуваме само за една гранка од дрвото наречено медиуми во РМ, велат од ЗПММ од каде уште еднаш ги апострофираат главните барања на сопствениците на медиумите:
– Да се стави ред во огласувањето со државни пари. Ако веќе живееме во држава во која владата е најголемиот огласувач, тешко може да се очекува дека еден медиум ќе опстане единствено благодарение на својот квалитет. Предлагаме средствата да се распределуваат на сите медиуми според одредена формула. Истото лесно може да се имплементира, слично на формулата по која се пресметува надоместокот за државните тела како СРД и АЕК, односно според бројот на жителите кои медиумите ги покриваат и слично. Веќе една година предупредуваме на штетата која ќе се предизвика со актуелниот начин на пресметка за авторскиот надомест. Уште еднаш бараме да не се пресметува како основица од БРУТО приходот на радио дифузерите, затоа што ваква давачка единствено во Република Македонија се пресметува само кај игрите на среќа. Како Здружение бараме основица за пресметка на процентот за авторски надомест да биде НЕТО добивката.
ЗПММ излезе и со конкретен предлог во врска со членовите на новата Агенција која ќе го замени Советот за радиодифузија.
– Предлагаме да се направи уште едно – паралелно тело, составено од членови на мнозинските здруженија на медиуми, националните Тв и радио куќи и интернет порталите. Ова тело би имало повеќе консултативна функција, но и би „тежело“ еден глас во новиот Совет. Овој предлог кој според нас значително ќе придонесе во конкретизација на проблемите со кои секојдневно се соочуваат медиумите, а со тоа и изнаоѓање на соодветни решенија за истите, го изнесе ставот на ЗПММ претседателот Митаноски кој во име на Здружението уште еднаш побара да се вратат и Проектите од јавен интерес.
Како Здружение предлагаме да се врати практиката за креирање на Проекти од јавен интерес под закрила на новата Агенција. Истите престанаа да се користат како форма за распределување на процентот од Радиодифузната такса, поради намалениот обем на уплата за истата. Сега, со новите законски норми и значителнот зголемениот процент на плаќање на таксата, сметаме дека е вистинско време за да се вратат истите. Со тоа ќе и се помогне на медиумите кои во моментов се во тешка положба поради финансиската криза, а и ќе се зголеми фондот на квалитетна програма во Агенцијата, која ќе остане на користење на идните генерации, а секако ќе биде и значителен дел од програмата на сите радио-дифузери вo државава, додаваат од ЗПММ.
Од ЗПММ бараат и можност медиумите да имаат поголема слобода околу поврзувањето во единствен систем, односно радиодифузерите што вршат дејност на локално ниво и регионално ниво да можат да се поврзуваат во единствен систем за емитување на заедничка програма во период од најмалку 6-7 часа во текот на денот.
Забелешките и предлозите во текот на вчерашниот ден беа доставени до парламентарните групи на сите партии во Собранието на Република Макеоднија од кои беше побарана поддршка за имплементирање на истите во Законот.
OhridNews