Потресната сторија што ја објавија OhridNews и телевизија „Телма“ за 43 годишниот Ристе Јованоски, кој е глувонем и живее сам во трошна куќа во напуштеното село Шипокно на планината Галичица, без вода и други основни услови за живот, ги крена на нозе институциите и хуманитарните организации во Охрид.
Екипи на Центарот за социјална работа уште вчера излегле на терен и оствариле контакт со Јованоски, а денеска за Шипокно се упати екипа на Црвениот крст која дел од помошта добиена од хуманите граѓани во рамки на проектот за одбележување на Неделата на гладта, ќе ја донира на Ристе.
-Уште денес нашите екипи се упатија во Шипокно да разговараат со лицето да ги согледаат неговите потреби. Утре ќе се однесе поголемо количество храна, секако ќебиња и друго за да може да ја презими зимата.- изјави Сашо Точков од Црвениот крст. Тој рече дека покрај посочениот случај, екипи на Црвениот крст од Охрид ќе помогнат и на други граѓани од ранливите категории кои живеат тежок живот.
Сашо Точков
Ристе пред десет месеци останал без работа откако специјализираната фирма во која работел се затворила, а од идниот месец тој ќе биде и без средства за егзистенција бидејќи му престанува надоместокот што го добива од државата како технолошки висок. Помош најави Центарот за социјална работа од Охрид, кој ќе го вклучи Ристе во социјалната програма.
– Ќе се ангажираме тој да добие одреден надоместок во вид на еднократна парична помош, а по престанување на надоместокот кој го добива од бирото ќе го вклучиме во системот на социјална заштита односно да добие социјална парична помош.-истакна Екрем Каљоши директор на Центар за социјална работа Охрид.
Каљоши посочи дека согласно одлуката на Владата од 1-ви јануари 2014 лицата со хендикеп како Ристе, ќе добиваат дополнителна помош во висина од 4000 денари месечно.
Екрем Каљоши
Но, Ристе и покрај хендикепот и незавидната ситуација во која се наоѓа, не сака да биде социјален случај, туку да работи и сам да се грижи за себе.
– Јас сакам да ми се подобрат условите, да живеам во град, ако може некоја од институциите да ми помогне да сум поблиску до градот, во село во старата куќа ми е тешко. Сакам да најдам работа и животот да ми биде полесен.- вели Ристе Јованоски.
Ристе Јованоски и претседателката на Здружението на глуви и наглуви – Охрид Славица Стефановска
Напори да му се помогне на Ристе Јованоски прави и Здружението на глуви и наглуви од Охрид, чиј член е тој. Оттаму велат дека по медиумското актуелизирање на случајот на Ристе има поозитивни најави од комапнии во градот кои изразиле подготвеност да помогнат.
-Веќе сме како здружение стапени во преговори со заштитните фирми во Охрид, се надевам дека ќе се најде решение и дека Ристе ќе се вработи. Со гордост можам да кажам дека нашето здружение нема ниту еден социјален случај, и не сакам Ристе да заврши како социјален слуачај, напротив да помогнеме да се вработи.-изјави Славица Стефановска од Здружението на глуви и наглуви од Охрид.
Ристе и денеска до Охрид пристигна пеш.
Ристе секојдневно патува сам пешки со часови низ планина за да купи храна, онолку колку што има. Помошта на Црвениот крст и хуманите граѓани е добредојдена, но доаѓа зима која доколку не се изнајде соодветно решение, Ристе ќе мора да ја мине сам во напуштеното планинско село изложен на сите опасности кои ги носи таквиот живот.
Горан Момироски