Втори мај со големи букви ќе биде запишан во спортската историја на Охрид. Три илјади гледачи во преполната сала „Билјанини извори“ синоќа беа сведоци на еден од најголемите успеси на охридскиот спорт – пласманот на ГРК Охрид во финалето од ЕХФ Европскиот куп остварен по епска 60-минутна битка со извонредниот тим на РК Целје која заврши со триумф на „Гладијаторите“ по изведувањето пенали 29:27, за делириум на трибините.

Кристијан Пилипивиќ имаше 13 одбрани, Јасухира постигна 9, Стрмљан 7 гола во големата победа на ГРК Охрид

Во Охрид вчера беше вистински европски спортски ден. Пред салата „Билјанини извори“ имаше фан зона каде љубителите на ракометот се дружеа и уживаа во музичкиот сет на диџеј Фејс.

Салата беше исполнета половина час пред почетокот на мечот кој мина во знакот на најмладите кои истрчаа заедно со играчите на терен, а забавно беше и на трибините каде можеа да се забележат многу генерации навивачи. За атмосферата беше задолжен диџеј Ванчо Јованоски кој држеше одлично темпо во текот на целиот натпревар.

Од почетокот на мечот на теренот се водеше беспоштедна битка. Публиката цело време беше со своите миленици, охриѓани зад својот Охрид, а стотина навивачи од Словенија го бодреа Целје што создаде извонредна атмосфера во „Билјанини извори“. Како изгледаше спортската драма со среќен крај за Охрид, погледнете од фото репортажата на нашата фотографка Анамарија Момироска.

Драматичната победа на ГРК Охрид за европско финале

Во финалето од ЕХФ Европскиот куп Охрид ќе се сретне со унгарскиот претставник МОЛ Татабања.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска