Се’ уште силно одекнува ехото од големиот спортски успех на ГРК Охрид кој триумфираше во најсилното до сега издание на ЕХФ Европскиот куп. Градот дишеше заедно со своите ракометни херои кои на најдобар можен начин ја завршија сезоната и ги израдуваа Охриѓани.

Навивачка треска во неделата го тресеше Охрид. Со часови пред почетокот на натпреварот река навивачи во сино – бели дресови се слеваше кон салата „Билјанини извори“ каде беше отворена фан зона каде домашните симпатизери се забавуваа заедно со гостинските навивачи.

Од илјадници грла пред сала и илјадници во салата „Билјанини извори“ ечеше песна, додека на теренот се водеше шампионската битка за титулата во ЕХФ Европскиот куп.

Пред почетокот на мечот ГРК Охрид им се заблагодари на тројца играчи кои по завршувањето на сезоната го напуштаат клубот: Бојаниќ, Кукуловски и Пилиповиќ.

Погледнете како изгледаше големата борба во реваншот од финалето и победничката атмосфера во која ГРК Охрид ја совлада екипата на МОЛ Татабања и се искачи на ракометниот врв во Европа.

Салата „Билјанини извори“ во неделата беше претесна да ги прими сите навивачи. Некои дури и со влезници не успеаја да влезат на мечот поради безбедносните протоколи на полицијата која на петнаесетина минути пред почетокот на средбата ги затвори вратите на салата. Надвор, пак, пред голем видео бим се следеа ракометните возбудувања.

Последниот судиски свиреж го означи почетокот на големото славје. Охрид ја освои првата Европска титула која клубот ја посвети на своите навивачи и верни поддржувачи.

Радувај се Охриде!

 

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска I Ристе Лекоски