Седум вредни икони од четири цркви во струшко се меѓу 1077 вредни црковни предмети кои деновиве беа пронајдени кај двајца албански државјани во рамки на големата полициска акција која се спроведе во Албанија.
Како што денес потврди митрополитот Дебарско- кичевски г. Тимотеј, станува збор за иконите на Света Богородица, Исус Христос и Свети Никола од црквата „Свети Никола“ во струшкото село Радожда, иконата на светецот Атанасиј Велики од црквата во село Буринец, две икони на Исус Христос и Богородица од црквата во Селци и една икона од Исус Христос во село Модрич.
Според г. Тимотеј ова е само уште една потврда за сомневањата дека украдените вредни предмети од црквите во Македонија најчесто завршуваат во Албанија, поради што од страна на МПЦ и надлежните иснтитуции веќе се преземаат мерки за заштита на иконите. Се врши нивно евидентирање и се подготвува фото документација за секој предмет со цел да се знае кои вредни предмети се наоѓаат во верските храмови.
– Неколку години наназад работиме на евидентирање на нашето целосно богатство, но не само за да ги забележиме како број, туку правиме целокупна фото-документација и врз основа на тоа сега можеме да ги препознаеме нашите артефакти што се однесени. До овој момент имаме собрано над 400 икони во три посебни центри коишто се со поголема сигурност заштитени, но не е завршен целиот процес, рече митрополитот Тимотеј.
Според првично добиените информации украдените икони од Македонија биле наменети за продажба на нелегален пазар.
– Украдените икони од црквите од струшко успеавме да идентификуваме со стопроцентна сигурност. Останува простор дека и многу повеќе икони ќе идентификуваме, но што поскоро излезат наши стручни лица на лице место и го погледаат материјалот што е таму достапен, верувам дека ќе имаме успех и ќе идентификуваме многу повеќе предмети, изјави директорот на Заводот и музеј „Д-р Никола Незлобински “ од Струга, Сашо Цветкоски.
Од МПЦ најавуваат дека од надлежните институции ќе биде побарано украдените предмети да бидат вратени во Македонија.
Во рамки на полициската акција во Албанија, украдените икони и фрески беа пронајдени по четири месечна истрага во две куќи во Тирана.Според албанското министерство за внатрешни работи украдените предмети требало да се продаваат во други балкански земји и во Западна Европа.
OhridNews













