На 12 и 13 април, во Охрид, во хотелот „Инекс Горица“ ќе се одржи Седмата годишна истражувачка конференција, насловена како: „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“, во организација на Народната банка на Република Македонија. Оваа конференција традиционално се одржува во знак на одбележување  на монетарното осамостојување на Република Македонија. Првиот конференциски ден е посветен на презентација на истражувачки материјали од централните банки и академските институции, а вториот ден е посветен на панел-дискусии за политиките на претставниците на високо ниво.

Во 10 часот, Конференцијата ќе биде отворена со поздравно обраќање на гувернерот на НБРМ, Димитар Богов. Во рамки на првата сесија, ќе биде врачена Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството, којашто Народната банка на Република Македонија ја доделува традиционално.

На првиот ден од конференцијата ќе бидат презентирани истражувачки материјали на претставници на централните банки од Полска, Чешка, Индонезија, Австрија, Европската централна банка, како и на претставници од истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија. Дискусија за темите на истражувачките материјали ќе имаат претставниците на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеанс, Франција и од НБРМ. Во рамки на првиот работен ден ќе бидат разгледани повеќе теми, меѓу кои: реалната конвергенција на земјите од регионот, финансиската интеграција и двигателите на странските директни инвестиции, влијанието на нормализацијата на монетарната политика во развиените земји врз земјите од Централна и Источна Европа, отпорноста на кризи, банкарските ризици, капиталните барања за банките и пристапот до финансии во земјите од регионот.

OhridNews