По 46 пат во Охрид се одржува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Семинарот што го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, го отвори претседателот Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека овој научен собир има исклучителен придонес во афирмирањето на македонскиот јазик и култура во светот.

-Во јазикот се препознава минатото, сегашноста и иднината на еден народ. Преку јазикот гледаме какво е  неговото историско искуство, каде се наоѓа, каде се стреми. Според некои процени, во богатата европска лингвистичка градина денес има околу 230 живи јазици, а македонскиот јазик е еден од нив. – рече во поздравното обраќање претседателот Ѓорѓе Иванов.


Во рамки на семинарот ќе работи традиционалната летна школа која ќе биде отворена до 28 јуни. На неа студенти од САД, Кина и Европа ќе имаат можност да посетуваат предавања, лекторски вежби и секции на македонски јазик.


На Меѓународниот семинар за македонски јази литература и култура до сега продефилирале над 3000 слависти и македонисти, меѓу кои и исклучителни научни имиња. За да се зачува високото реноме на семинарот, според експертите, потребна е поголема грижа од организаторот и од државата. Тие забележуваат дека скромниот буџет и поместувањето на терминот на одржување сериозно влијае како на квалитетот, така и на бројот на учесници на научниот собир.

-Ова е време на испитни сесии и завршни семинари и мислам со поместување на времето на одржување на семинарот се стеснува во извесна смисла базата. Јас би бил среќен да се вратиат оние стари времиња кога доаѓаа тука големни имиња.– рече проф.д-р Трајко Стаматовски, кој е присутен со предавања на семинарот уште од далечната 1968 година.


Годинава на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура учествуваат 90 слависти и македонисти од 23 земји од светот.

OhridNews